Ајвар со шампињони – ќе бидете одушевени!

Кога станува збор за правење ајвар како основен продукт од една зимница, многумина си имаат свој рецепт којшто не го менуваат со години. Но, како што во разни области постојат иновации, така покрај класичен ајвар може да се направи и ајвар на поинаков начин односно да добиете ајвар со карактеристичен вкус.

Погледајте го рецептот за ајвар со шампињони.

Состојки

5 кг модар патлиџан
10 кг пиперки
2,5 кг шампињони
1,5 л сок од домати
1 литар масло за јадење
3 глави лук
1 лажица црн пипер
1 грст сол
ловоров лист по желба
1 винобран

Подготовка

 1. Испечете ги пиперките и модрите патлиџани  и оставете ги во поклопен сад да се испарат половина час. Така полесно ќе можете да ги лупите.
 2. Во ова време, исецкајте ги шампињоните на парчиња и ставете ги да се динстаат. Кога ќе бидат до половина готови, тргнете ги од огнот.
 3. Исчистете ги пиперките и модрите патлиџани од лушпата и семето и сомелете ги со машината за месо.
4. Измешајте ги печурките и мелените пиперки и модар патлиџан, сомелете лук, додадете масло, црн пипер, сол, сок од домати и ловоров лист и гответе ја смесата на тивок оган со постојано мешање за да не се препржи.
 5. Вашиот ајвар со шампињони е готов кога сите состојки се соединети и маслото за јадење доаѓа до површината. Тогаш додадете винобран и измешајте.
 6. Сипајте ја топлата смеса во загреани тегли па ставете ги теглите во рерна на 100 степени околу 10 минути.

Извадете ги теглите од рерната, затворете ги добро со капак и чувајте ги на ладно место. Нетрпеливо очекувајте да дојде зимата за да почнете да го консумирате вашиот ајвар со шампињони

Коментари

Популарни постови